Гледам што се случува во другите држави, особено во Србија, колку луѓето се упорни, протестираат и бараат промени. И си викам, а ние бе? Што правиме ние?
Ни се смени името на државата, ни се случија трагедии како Кочани, секојдневно слушаме за корупција, неправди, поскапувања… Ќе се изнервираме неколку дена, ќе искоментираме нешто и после пак сè по старо.
И не се правам подобар, и јас сум дел од истото.
Ама искрено, како млад Македонец веќе ми е преку глава од тоа постојано да бирам од што ќе се откажам.
Работиш цела година, а луксуз ти е да одиш и на летување и на зимување. Мораш да бираш едно од двете. Ако сакаш да заштедиш нешто, можеби ни тоа.
А ако сакаш да купиш стан? Е тука веќе почнува вистинскиот проблем.
Како еден млад човек денес да си дозволи сопствен дом?
Не барам вила, базен или пентхаус. Зборувам за обичен стан од 50-60 квадрати, каде што утре ќе можам да создадам семејство. И за тоа треба да се задолжам на 30 години, да се откажам од патувања, излегувања и од најобични задоволства?
Па добро бе, кога треба да живееме? На 60 години?
И најлошото е што веќе сите го прифаќаме ова како нормално.
„Такви се цените“
„Сите земаат кредити“
„Ако не ти чини, оди во Германија“
А зошто морам да одам во Германија? Зошто да не можам да имам нормален живот тука, каде што сум роден?
Не барам некој да ми подари стан. Сакам да работам, да заработувам и да можам да си дозволам нормален живот.
А во меѓувреме, цените на недвижностите во Скопје стануваат сè понедостапни. Колку станови стојат празни? Колку се купуваат само како инвестиција? Дали цените реално вредат толку или вештачки се пумпаат?
Не сум економист и не тврдам дека ги знам одговорите. Ама сметам дека овие прашања заслужуваат сериозна дискусија. И затоа ја пишувам објавава. Не за да обвинувам некого, ниту да започнам политичка расправија, туку искрено да слушнам како размислуваат другите.
Дали и вие го чувствувате истото? Како планирате да купите стан? Дали сметате дека цените се оправдани? Дали воопшто гледате иднина тука?
Ме интересираат и мислењата на луѓе што веќе купиле стан, економисти, градежници и сите што можат да објаснат што навистина се случува со пазарот.
Можеби од ваква дискусија ќе произлезат конкретни предлози, некаква граѓанска иницијатива, па дури и идеја за мирен протест. А можеби ќе слушнеме аргументи што ќе ни помогнат подобро да ја разбереме ситуацијата.
Само не сакам ова да остане уште една тема за која ќе се пожалиме денес, а утре ќе заборавиме.
Затоа што на крајот не станува збор само за цената на квадратот, туку за тоа каков живот можеме да си дозволиме во сопствената држава.
Дали навистина ни е океј сето ова или едноставно сме се навикнале да живееме вака?